Емил Куе
Емил Куе е француски фармацевт и психолог кој извршил огромно влијание врз развојот на невролингвистичкото програмирање, плацебо ефектот, позитивното мислење, автогениот тренинг итн. Се родил на 26 февруари 1857 година, во местото Троа, во Франција. Неговото семејство мало благородничко потекло, но во 1798 година, во текот на Револуцијата, материјално целосно пропаднало. Како еден од потомците на ова семејство, син на сиромашен службеник на Источната железничка компанија, Куе со мака го завршил школувањето. По положената матура сакал да студира и да стане професор по хемија. Но поради скромните материјални средства н а своите родители, се откажал од таа желба и решил да биде аптекар; затоа три години стажирал кај еден аптекар во Париз и таму се запишал на Високата фармацевтска школа. Се школувал првенствено со средствата што ги заработувал со давање часови.
По тригодишното стажирање во Париз и по завршената Висока фармацевтска школа, во 1882 година Емил Куе станува самостоен аптекар и ја презема старата аптека на Шотино во Троа. Во 1884 година се жени со Лујза Лемоан, која му била голема поткрепа и благодарение на која имаме многу записи за неговата практична работа. Во 1896 година Куе ја напушта аптеката и се сели во Марзевил, во близината на Нанси. Но по четири и пол години се враќа во Троа и повторно ја презема аптеката, што ја задржува сè до 1910 година, кога конечно ја напушта и се сели во Нанси. До крајот на животот целосно се посветил на усовршување и ширење на методот за примена на свесната автосугестија за лекување на речиси сите болести. Патувајќи низ Франција и низ други земји (бил и во Америка), одржал многу предавања, а на сеансите лекувал болни луѓе.
Починал на 2 јули 1926 година, во Нанси.