a-b-guthrie

А. Б. Гатри

Алфред Бертрам Гатри Помладиот (1901–1991) е роден во Бедфорд, Индијана. Татко му бил просветен работник и уредник на дневен весник, па по завршените студии на Универзитетот Монтана (1923), Гатри и самиот се обидува да најде работа поврзана со новинарството и просветата. Неколку години по дипломирањето се вработува како новинар во „Лексингтон лидер“ (Кентаки), весник со кој останува поврзан во следните 22 години. По објавувањето на својот втор роман Пространо небо (1947), со кој го постигнува и првиот позначаен успех, Гатри почнува да предава креативно пишување на Универзитетот Кентаки. Своето најзначајно дело, Патот на Запад, за кое ја освојува престижната Пулицерова награда, го објавува во 1949 година. Двата романа ја раскажуваат приказната за тешкотиите и успесите на карванот населеници кои патуваат од Мисури до Орегон. На оваа тематика е, всушност, посветен цел серијал од шест романи, од кои Пространо небо е првиот, а Убава земја, убава земја (1982) последниот. Меѓутоа, творештвото на Гатри не е ограничено на приказни за освојувањето на Дивиот Запад. Тој е автор и на шест вестерн-крими романи, збирка раскази, збирка поезија, две книги за деца, две филмски сценарија (за успешните вестерн-филмови Шејн – награден со Оскар – и Човекот од Кентаки), автобиографија, збирка есеи и учебник за креативно пишување. А. Б. Гатри ќе остане запаметен како еден од најистакнатите американски ро­мансиери на ХХ век. Како исклучително привлечен и читлив роман, Патот на Запад ги оживува авантурите на раните патници кон Запад и нивниот пионерски дух. Оваа прочуена американска класика говори за напорите, разочарувањата и успесите на доселениците кои за првпат ги истражуваат подрачјата на ненаселениот Запад во 1864 година. Енергичниот Ирвин Тадлок го води карванот кочии по Орегонската патека, со помош на водичот Дик Самерс. По неколку незгоди кои резултираат со неколку загубени животи, меѓу доселениците избива еден вид на бунт, па улогата на водач ја презема Лајж Еванс. Наскоро карванот се дели на разни сопернички фракции, кои сепак ги спојува заедничката цел – да го преживеат мачниот пат до Орегон. Со својот чувствителен, но несентиментален прозен израз, А. Б. Гатри ги отсликува тешките предизвици и восхитувачки победи на пионерскиот живот. Со Патот на Запад тој оддава почест на величественоста на нескротената природа на Западот, на нејзините сурови но прекрасни пејзажи, како и на извонредните луѓе кои ја населуваат.

1 книга од овој автор: