Александар Митов
Д-р Александар Митов е магистер по јавно здравје и влијанија на животната средина врз здравјето. Дипломира медицина на Медицинскиот факултет во Скопје како првенец на генeрацијата, со просек 9,9. Магистрира јавно здравје на кипарскиот институт на Harvard School of Public Health како валедикторијан, со највисок просек во генерацијата (3,9/4).
Потоа завршува магистерски студии за животна средина во Кембриџ, Велика Британија, како член на престижниот колеџ St. John’s и стипендист на фондацијата Пексим. Академското образование е силната страна на д-р Митов и доказ за степенот на неговата посветеност и студиозност.
Од 2012-та година до 2017-та е Советник за здравство на Претседателот на Владата на Република Македонија, а беше и главен стручен консултант на кампањата за здрава храна на Владата на РМ, „Здравјето е избор!“. Преку многубројните настапи на медиумите и социјалните мрежи, како и преку сопствената емисија „Д-р Митов советува”, тој се труди да придонесе кон подобрување на јавното здравје во Македонија.
Последните години интензивно работи со пациенти со цел да успеат да ги променат своите навики и преку поздрав животен стил да стекнат подобро здравје. Следејќи ја медицината основана на докази, но и природните интервенции за кои има доволно убедливи научни студии, д-р Митов има сеопфатен пристап во третманот на хроничните болести.