Андреј Макин
Андреј Макин е француски романсиер со руско потекло. Роден е во 1957 година, во Краснојарск, тогашен Советски Сојуз. Сè до својата триесетта година работи како учител во својата родна земја едновремено пишувајќи поезија, како на руски така и на француски. Во 1987 година заминува за Париз, како учесник во програмата за размена на учители. Меѓутоа, нема намера да ја напушти Франција, па успева да добие политички азил и траен престој во земјата. Тој чин го означува почетокот на остварувањето на неговиот сон – да го посвети својот живот на пишувањето проза на француски. Неконвенционална личност и неконвенционален автор во вистинската смисла на зборот, тој своето прво лето во Париз го поминува како жител на гробиштата Пер Лашес, додека својот роман првенец го претставува како преведен од руски, зашто ниеден издавач не може да верува дека еден странец може да пишува на толку совршен француски. Првиот, но и најголем успех го постигнува со својот четврти роман, Францускиот тестамент (1995), со кој ги освојува двете врвни француски книжевни награди, имено „Гонкур“ и „Медисис“. Макин денес се вбројува меѓу најзначајните француски писатели. Автор е на дваесетина романи, преведени на повеќе светски јазици, а во 2016 е избран и за член на престижната Француска академија. Верен на својата ексцентричност, тој во 2001 година почнува да објавува романи под псевдонимот Габриел Осмон. Француската критичка и поширока читателска јавност цела деценија се обидуваат да го одгатнат идентитет на таинствениот Осмон, сè додека, во 2011 година, содржината на четвртиот роман не ја разоткрие врската со Макиновиот опус, а со тоа и вистинското лице на Габриел Осмон. Како автентичен вљубеник во слободата, Андреј Макин твори и живее сам, верувајќи дека неговата писателска рутина би претставувала преголем товар за кое било семејство. Секое лето, младиот Андреј ја посетува својата баба, Шарлота Лемонје, која искрено ја сака. Во прашливото село од кое погледот се простира на бескрајните руски степи, таа го маѓепсува својот внук, но и другите деца од селото, со чудесни приказни, кои навидум се темелат врз настани од животот: Прустовата партија тенис во Неји, посетата на царот Николај II на Париз, смртта на францускиот претседател Феликс Фор во прегратките на неговата љубовница. Но Андреј од својата таинствена баба учи и за Русија каква што никогаш не ја запознал: земја на глад и беда, брутална неправда, безнадежен хаос предизвикан од крвавата војна. Целосно опиен, тој нејзините приказни ги вткајува во својот личен таен свет на спомени и соништа. Освен тоа, Шарлота му претставува и една живописна слика на Франција од времето на нејзиното детство, далечна Атлантида, многу попрефинета, побезгрижна и попримамлива од Русија во седумдесеттите и осумдесеттите години. Нејзините нежни, уметнички обоени сеќавања на далечната татковина и прочитаните книги го маѓепсуваат Андреј. Длабоко нурнат во таквите визии, тој се претвора во отпадник во сопствената земја, и конечно во немирен талкач низ Европа. Францускиот тестамент е роман со епска тежина, исполнет со страст и нежност, надеж и тага. Во секој поглед – едно волшебно, хипнотичко остварување.