ante-kovačić

Анте Ковачиќ

Анте Ковачиќ (1854 – 1889) е хрватски писател и поет, роден во Хрватско Загорје, село Оплазник, како син единец во сиромашното селско семејство на Ана и Иван Ковачиќ. Завршил Класична гимназија во Загреб и се запишал на право. Студирајќи, работел и како адвокатски приправник. Тогаш започнува и неговата книжевна работа, со која се занимава до крајот на животот. Откако ќе докторира едно време работи во Карловац и Глина како приправник, борејќи се да отвори своја адвокатска канцеларија. Кога после многу труд му е одобрена дејноста, скршен од тешките околности и болеста, завршува во душевна болница, каде што и умира, на само триесет и пет години. За релативно кратко време напишал три романи: Љубовта на бароницата, Адвокат, Во регистратурата, седумдесетина песни, десетина раскази, како и повеќе фељтони и критики. Целокупното негово дело е резултат на изразениот темперамент и книжевен талент, а тесно е поврзано со времето во кое живеел, општествените и политички состојби, како и со специфичниот процес во тоа време кога почнува општественото раслојување. Длабоко соживеан со елементот на селото, исто како подоцна и со градот, Ковачиќ е единствениот хрватски реалист кој успеал да оствари широка панорама на општествените односи во двата амбиента. Заедно со Шеноа, се смета и за еден од главните јазикотворци на 19 век. Делото на Ковачиќ е највисоко остварување на хрватскиот реализам, во облик карактеристичен за хрватската книжевност во која нема многу дела што се 100 посветени на обичниот, секојдневен живот. Свртено кон современата тематика, тоа е чудна мешавина од романтизам, реализам и суров натурализам, преполно со разорна сатира и со очај над состојбите во хрватското општество, како и со жесток напад на рамнодушноста и замреноста на хрватското благородништво.

1 книга од овој автор: