Антоан Лорен
Антоан Лорен (1972) е современ француски романсиер, сценарист, новинар, режисер и колекционер на стари клучеви. Роден и пораснат во Париз, откако студирал филм, ја започнал својата кариера како режисер на кратки филмови и сценарист. Неговата страст кон уметноста го натерала да се вработи како помошник во антикварница. Ова искуство му послужило како инспирација за неговиот прв роман Портрет, кој ја добива наградата Друо. Спроти претседателските избори во Франција, во 2012 година, излегува неговиот бајковит роман Шапката на Митеран, за кој критичарите и читателите му ја доделуваат наградата Ландерно Декуверт. За овој роман ја има освоено и наградата Реле де војажер, која го слави уживањето во читањето. Романот Шапката на Митеран е филмуван во Франција. Неговите романи се преведени на 14 јазици, вклучувајќи и арапски и корејски. Неговиот роман Жената со црвениот бележник (2015 година) беше една од најпродаваните книги на издавачката куќа Галик букс и во Британија и во Америка. Автор е и на романите Француска рапсодија (2016), Портрет (2017), Пушењето убива (2018) и Винтиџ 1954 (2019).