Антоан де Сент-Егзипери
Антоан де Сент-Егзипери е роден на 29 јуни 1900 година, во Лион, во старо аристократско семејство. По смртта на татко му (1904), четиригодишниот Антоан и мајка му заминуваат да живеат во семејниот замок на брегот на Средоземно Море, каде што идниот писател ги поминал најсреќните безгрижни години од своето детство. Потоа, во Швајцарија, прво учел во језуитско училиште, а во 1917 година образованието го продолжил во една гимназија во Париз. Во 1919 година не успеал да го положи приемниот испит во Поморското училиште, па се запишал на париската Уметничка академија, на Одделот за архитектура. Во 1921 година, во времето на отслужувањето на воената обврска во Стразбур и во Мароко, се здобил со диплома за пилотирање со воени авиони, а една година подоцна со диплома за пилотирање и со авиони од цивилното воздухопловство, со што ја открил и својата вистинска вокација: станал професионален авијатичар. Антоан де Сент-Егзипери ги напишал следниве дела: „Авијатичар“ (новела, 1926), „Јужна поштенска служба“ (роман, 1929), „Ноќниот лет“ (роман, 1931), „Земјата на луѓето“ (роман-есеј, 1939), „Воен пилот“ (роман, 1942), „Писмо до еден заложник“ (1943), „Малиот принц“ (филозофска лирска сказна, 1943), „Цитадела“ (незавршен роман пишуван во 1936 година, објавен постхумно во 1948 година).