barbarasimoniti

Барбара Симонити

Барбара Симонити е современа словенечка поетеса, писателка и преведувачка. Родена е на 10 јуни 1963 година, во Словењ Градец. Била привлечена од магијата на јазикот уште додека нејзината баба ѝ читала, па својата прва бајка ја напишала на седумгодишна возраст, а песни почнала да пишува на единаесет години. Студирала словенечки и англиски јазик на Универзитетот во Љубљана. По дипломирањето работела како асистент по англиска книжевност на Универзитетот во Марибор. Во 1990 година магистрирала, а во 1995 година станала доктор по англиска книжевност. Од 1995 година е слободна писателка и преведувачка. Членка е на Друштвото на словенечките писатели, на Друштвото на словенечките книжевни преведувачи и на Словенечкиот ПЕН-центар. Има преведено над 30 книги од областа на општествените науки, меѓународните односи и историјата и историјата на уметност. Барбара Симонити пишува поезија, проза, раскази, книги за деца и сликовници. Целото нејзиното творештво ги следи насоките што си ги зацртала уште од студентските денови: таа е поет по душа, во поезијата најмногу ја интересираат префинетоста на јазикот и пораките на премолчаното, а во прозата е стилистка, со поетски однос кон јазикот и внатрешната напнатост на текстот. Во своите дела постојано го промовира раскажувањето приказни како извор на човештвото. Голем дел од нејзините песни и раскази се преведени и објавени во книжевни списанија во Австрија, Полска, Хрватска и Македонија, во антологии во Словенија, Австрија и наскоро во Израел и САД. Има објавено четири книги поезија: Затишје (1997), Златен дожд (2000), Сончев пресврт (2011) и Вода (2012), романот Растојанија (1998), книгата за деца Мочурливци (2012) и сликовницата Андреј Неспанко (2014).

1 book by this author: