Бенедик Велс
Бенедикт Велс е современ германско-швајцарски писател кој уште со објавувањето на својот прв роман ја освои читачката публика и критичарите, ги доби најзначајните домашни и странски награди и стана еден од најпреведуваните германски автори. Роден е на 29 февруари 1984 година, во Минхен. Поради лошата здравствена состојба на едниот од неговите родители, уште на 6 години заминал во интернат. Училишното образование го стекнал во три интернати во Баварија. По завршување на средното училиште се преселил во Берлин, каде што ги напушта студиите се посветува на пишувањето заработувајќи за живот на различни работни места со скратено работно време. „Уште од своето најрано детство сакав да раскажувам приказни“, вели Велс. „На 15 години го открив Џон Ирвинг и тогаш посакав и самиот да станам писател. Не се вклопував најдобро во училиштето и одвај чекав да го завршам и да почнам да се занимавам со пишување.“ Неговиот прв објавен роман Последното лето на Бек, објавен во 2008 година, ја добива Баварската награда за поддршка на уметноста и ширум му ги отвора вратите на германската и швајцарската книжевна сцена. Потоа следуваат романите Откачен и Речиси генијално. Неговиот четврти роман Крајот на осаменоста остана на листата на најпродавани романи повеќе од година и пол и е прогласен за омилена книга од независните книжарници. Романот досега е преведен на 34 јазици, а во 2016 година ја доби Наградата за литература на Европската Унија, како и наградата на Фондацијата „Равенсбургер“ за најдобар семеен роман. Во 2018 година ја освои и наградата „Еурегио“.