bessel-van-der-kolk

Бесел ван дер Колк

Бесел ван дер Колк е светски познат експерт за траума, автор и истражувач, докажан психијатар кој веќе пет децении им помага на луѓето проучувајќи ги ефектите на траумата и нудејќи соодветни методи за нивно совладување.

Роден е во 1943 година, во Холандија. Во 1965 година дипломира на Универзитетот во Хаваи, а потоа се стекнува со диплома од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Чикаго и специјализира на Медицинската школа на Харвард.

Бил член на првиот тим што истражувал како траумата го менува фунционирaњето на мозокот и еден од првите научници што започнал истражување на посттрауматското стресно нарушување (ПТСН). Од 1978 бил на челото на Бостонската клиника за ветерани, во која почнал да го насочува интересот кон трауматскиот стрес. Оттогаш спроведува бројни обуки и клинички испитувања, посветувајќи го целиот живот на проучување на траумата, согледувајќи како децата и возрасните живеат со негативните искуства, со малтретирањето и злоупотребата, и како можат да ги надминат. За таа цел и самиот постојано се надградува, истражува и учи нови третмани, стратегии, психолошки дисциплини и облици на лекување – од лекови, разговори, хипноза, јога, ЕМДР (форма на психотерапија) до неврофидбек итн. Во 2018 г. го основа Истражувачкиот центар за траума што го носи неговото име, составен од добро обучен клинички тим специјализиран за третман на деца и возрасни со трауматично минато, и истражувачка лабораторија која ги проучува ефектите на траумата.

Како автор се прославува со „Телото памети“ од 2014 година, а претходно објавува три книги: „Посттрауматски стресен синдром: психолошки и биолошки последици“ (1987), „Психолошка траума“ (1987) и „Трауматски стрес: ефектите од енормното искуство на умот, телото и општеството“ (1996).

1 book by this author: