Бјанка Белова
Бјанка Белова, родена во Прага, во 1970 година, е преведувачка и толкувачка, една од најзачајните современи чешки автори. Нејзината прва книга Сентиментален роман (Sentimentální román) е објавена во 2009 година и раскажува за тешкото детство непосредно пред крајот на тоталитаристичкиот комунистички режим. По две години, издавачот „Хост“ ја објави нејзината новела Мртов маж (Mrtvý muž), што наиде на одлични критики. Во 2013 година Белова ја објавува својата новела Цел ден ништо не се случува (Celý den se nic nestane). Насловот истовремено е и не е одраз на стварноста: до вечерта не се случува ништо особено, но читателот може да ги реконструира скриените приказни. Нејзиниот последен роман Езеро (Jezero), објавен во 2016 година, ја освои највисоката чешка литературна награда „Магнезија литера“ за книга на годината, а исто така и Наградата за литература на Европската Унија. Езеро е роман за духовниот развој и за потрагата по вистинската смисла на животот. Според самата авторка Белова, романот „е пример за тоа што ќе се случи кога човекот ја зема во свои раце историјата на светот и ја приспособува кон своите потреби“.