biancapitzorno

Бјанка Потцорно

Бјанка Пицорно e една од најзначајните современи италијански писатели за деца и млади, драматург, сценарист, илустратор и преведувач. Родена е на 12 август 1942 година, во градот Сасари, на островот Сардинија. По завршувањето на класичните студии на Универзитетот во Каљари се сели во Милано и се запишува на постдипломски студии на Факултетот за комуникациски науки, на потесна специјалност филм и телевизија. Кариерата ја почнува во државната телевизија РАИ, во Редакцијата за култура и за детска програма. Живее и работи во Милано. Автор е на педесетина книги, преведени на многу светски јазици и речиси сите бестселери, за кои има добиено многу домашни и меѓународни награди. Меѓу другото, петкратен добитник е на наградата „Ханс Кристијан Андерсен“ за литература за деца (1985, Куќичка на дрво; 1986, Неверојатната приказна за Лавинија; 1992, Слушни го моето срце; 1995, Дијана, Купидон и командантот; 2001, Торнатрас). Првата книга за деца Големиот собор на каубојците (Il grande raduno dei cow boy) ја објавува во 1970 година и таа доживува голем успех. Најпознати книги за помлади читатели ѝ се: Куќичка на дрво (La casa sull’albero, 1984); Неверојатната приказна за Лавинија (L’incredibile storia di Lavinia, 1985); Хлорофилка од синото небо (Clorofila dal cielo azul, 1974); Куклата на алхемичарот (La bambola dell’alchimista, 1988); Мојата мала вештерка (Streghetta mia, 1988); Живата кукла (La bambola viva, 1995); Џулија ав-ав и љубоморните мачки (Giulia Bau e i gatti gelosi, 2004); Тајниот глас (La voce segreta, 1998) и други. Најпознати книги за деца на поголема возраст ѝ се Слушни го моето срце (Ascolta il mio cuore, 1992); Поликсена со прасето (Polissena del porcello, 1993); Торнатрас (Tornatras, 1993); Француската дадилка (La bambinaia francese, 1994); Дијана, Купидон и командантот (Diana Cupido e commendatore, 1995); Зборување во празно (Parlare a vanvera, 1989); Кралот Мида има козји уши (Re Mida ha le orecchie d’asino, 1996); Кога бевме девојчиња (Quando eravamo piccole, 2002) и други. Творештвото на Бјанка Пицорно претставува интересна лабораторија во која авторката експериментира вкрстување на жанрови (криминален, научна фантастика и авантура), што како резултат дава извонредно забавни книги. Но иако нејзините дела изобилуваат со фантастични елементи, тие сепак се темелат врз искуства од реалниот живот, третираат актуелни теми, заеднички за сите деца на светот, без оглед на тоа каде и во кое време живеат. Дури и кога приказната е сместена во дамнешно време, денешните деца можат да се идентификуваат со децата од минатото. И како што самата Бјанка Пицорно ќе рече во една пригода: „Децата се човечки суштества кои имаат потреба од стабилни врски исполнети со љубов, од силни емоции, од сигурност по преживеан страв, потреба да искажат лутина и огорченост за сѐ што им се чини неправедно“. Бјанка Пицорно можеби е единствената авторка во италијанската книжевна панорама која се одлучува нејзините главни ликови да бидат девојчиња. Хероињите од делата на Пицорно ѝ припаѓаат на современата наратива која се темели врз големите архетипови од минатото: мистерија која треба да се реши, семејни проблеми, односот со возрасните, авантуристичко патување. Авантурата, осаменоста, наградената храброст, болката, среќната завршница се постојано присутни во нејзините дела. Хероињите се надарени со интелигентен хумор, вешто се снаоѓаат во необичните авантури, но и во секојдневјето, со посебна моќ да го запознаат светот, да го доживеат и да го менуваат. Бјанка Пицорно постојано ги доведува ликовите во ситуации кои ги тераат да се менуваат, да ризикуваат и да го откриваат сопствениот идентитет, спротивставувајќи им се на предрасудите и на стереотипите за местото на жената во светот.

1 book by this author: