bodil-malmsten

Бодил Малмстен

Бодил Малмстен (1944) е шведска писателка, драмски автор и културен хроничар. Нејзиниот татко бил агроном, а поради раниот развод на родителите живеела кај баба ѝ и дедо ѝ од мајкина страна во Бјерме, во Јемтланд, округ во средна Шведска, како и во семејно прифатилиште во Велингби. Студирала на ликовна академија. Дебитирала на шведската литературна сцена со книгата за деца Лудвиг патува (1970), заедно со Петер Шихас. Својата прва стихозбирка ја објавила под наслов Џуџето Густав (1977). По успехот со стихозбирката Госпосѓо, гори! (1984) настапувала како популарен поет читајќи свои стихови во разни пригоди. Често го опишува животот во слободен асоцијативен след меѓу големите прашања и индивидуалното искуство, а пишувала и римувани стихови во еден период кога таквиот пристап веќе се сметал за немодерен. Со Тој ден кога костените ќе процутат, ќе бидам далеку одовде (1994) дебитира како романсиер. Книгата била номинирана за значајната награда Аугуст. Нов успех кај публиката доживува со романот Цена на водата во Финистер (2001), книга за заминувањето и изборот на сосем нов правец во животот. Малмстен го избира Финистер и за име на сопствената издавачка куќа која ја води во соработка со книгоиздателството Модерниста. Од есента 2005 година Малмстен континуирано пишува на блогот www.finistere.se. Препознатлива е по својот стил на кратки и често драстични дневни забелешки, кои подоцна се издадени како „Нотеси, раскази за дневни состојби, журнали“, досега во пет посебни книги. Бодил Малмстен има постигнато успеси и како драмски писател, со драми напишани за радио и телевизија, но и за театарската сцена. За да оставите порака, притиснете ѕвездичка и Голи дами на долниот кат отспротива се поставувани на сцената на Градскиот театар во Стокхолм. Автор е на триесетина книги и има добиено повеќе награди и признанија, меѓу кои наградата Ивар Ло-Јохансон (2005), за „повеќегодишен литературен придонес, мошне добро втемелен во сонот на донаторот на наградата за една социјална литература која носи промени“. Истата година ја добила и културната награда на округот Естерсунд. Назначена е за почесен доктор на факултетот Митуниверситетет (2006).

1 book by this author: