Бони Гармус
Бони Гармус е родена во 1957 година, во Калифорнија. Студирала англиска литература на Калифорнискиот универзитет во Санта Круз. По дипломирањето долго време работела како уредник во издавачка куќа. Потоа работела како текстописец на реклами и креативна директорка на рекламна агенција во САД, Швајцарија и Колумбија. Соработувала со безброј клиенти претежно од технолошката, медицинската и образовната област во Америка и во странство. Пред да се пресели во Лондон, во 2017 година, Гармус веќе се обидела да напише два романа, кои не се објавени. Во Лондон ги посетувала курсевите за пишување на агенцијата „Кертис Браун“ и се поврзала со книжевната агентка од оваа агенција, Фелисити Блант, која успешно ја спровела кампањата за првиот роман на Гармус, „Лекции по хемија“. На првиот дигитален Франкфуртски саем на книги во 2020 година нејзиниот роман бил најбаран – на наддавањето за правата учествувале 16 издавачи. Досега правата ги имаат откупено четириесетина земји.
Наскоро по објавувањето во април 2022 година, „Лекции по хемија“ стана бестселер на „Њујорк тајмс“ и „Сандеј тајмс“, како и на германски „Шпигел“, каде што се задржа 13 недели меѓу првите 5 најчитани книги. Беше книга на годината и на „Гардијан“, „Тајмс“, „Гуд хаускипинг“, „Стајлист“, „ТЛС“, „Опра дејли“, „Мејл оф сандеј“, „Индија најт“, „Амазон“ и многу други, а беше прогласен за најдобар дебитантски роман на изборот на „Гудридс“. Угледниот весник „Гардијан“ забележа дека е тешко да се поверува, имајќи ги предвид стилот и приказната што ја раскажува, дека станува збор за дебитантски роман. И „Киркус ривју“ го пофали романот на Гармус: „Тешко дека може да се најде посимпатичен заговор за здраворазумност и рамноправност на половите“. „Лекции по хемија“ е преведен на повеќе светски јазици и веќе доживеа своја филмска адаптација.
Освен што се занимава со пишување, Бони Гармус е пливачка на отворени води која навистина се труди да не размислува какви суштества пливаат со неа. Се натпреварувала и во веслање. Има две ќерки. Моментално живее во Лондон, со сопругот и кучето Деведесет и Девет.