bulat-okudzhava

Булат Окуџава

Булат Шалвович Окуџава (Булат Шалвович Окуджава, 9 мај 1924–12 јуни 1997) – советски поет, писател, сценарист и композитор, автор на околу двестe авторски музички композиции. Член на Сојузот на писателите на СССР од 1962 година. Член и основач на рускиот ПЕН-центар и активен учесник во политичкиот живот на постсоветска Русија. По потекло Грузиец, но роден во Москва, во семејство на болшевици дојдени во Комунистичката академија, кои подоцна настрадале како и многу други високи партиски работници. Учествувал во Татковинската војна, во која бил ранет и предвремено демобилизиран од здравствени причини. Тогаш се вратил во Тбилиси, каде што во 1945 год. се запишал на Филолошкиот факултет. Своите први песни ги објавувал во војничките весници, под псевдоним А. Долженов. Првата стихозбирка Лирика му излегла во 1956 год., а во текот на животот објавил уште десетина збирки песни. Неговата поетска дејност се одразува и во музиката (и песните) за повеќе советски филмови (над осумдесет), во кои и самиот се појавувал во споредни улоги. Во 1961 год., во алманахот Таруски страници, ја објавил автобиографската повест Здрав да си, ученику! (Будь здоров, школяр!) што како посебно издание била преиздадена во 1987 година. Потоа следуваатат повестите: Сиромавиот Авросимов (Бедный Авросимов, позната како Голтка слобода, 1961), Авантурите на Шипов или Прастар водвиљ (Похождения Шипова, или Старинный водевиль, 1970), како и романите засновани врз историски материјали: Патувањето на дилетантите (Путешествие дилетантов, 1976–1978), Средбата со Бонапарта (Свидание с Бонапартом, 1983). Носител e на многу медали и ордени, добитник е на голем број државни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои и Златен венец на Струшките вечери на поезијата, во 1967 година. За романот Укинат театар (Упразднённый театр, 1993) ја добива наградата Руски Букер во 1994 година. Починал во Воената болница во предградието на Париз, Кламар. Пред смртта го примил христијанството под името Јован, во спомен за светиот маченик. Погребан е во Москва.__

1 книга од овој автор: