Карл Густав Јунг
Карл Густав Јунг (1875 – 1961) е една од најзначајните фигури во областа на современата психологија и психијатрија, основач на аналитичката психологија. Неговите концепти, освен во медицината, имаат влијание и во филозофијата, религијата, антропологијата и археологијата.
Јунг е роден во малото швајцарско село Кесвил, во образовано семејство. Татко му бил протестантски свештеник, син на професор по медицина, а мајка му пораснала во големо семејство како ќерка на теолог и професор.
Детството на Јунг, особено несогласувањата на неговите родители и болешливата и депресивна природа на неговата мајка, имаат големо влијание во понатамошниот живот на Јунг, а се одразиле и во неговото учење. Отсуството на мајка му придонело за поголема блискост со татко му, иако на крајот не го прифатил неговиот однос кон верата. Сфаќањата за симболите, архетиповите и колективното несвесно се инспирирани од овие искуства од минатото.
Иако прво сакал да студира археологија, а потоа филологија, на крајот се определил за медицината. По завршените студии на Универзитетот во Базел, специјализирал психијатрија. На 25 години му станал асистент на прочуениот психијатар Еуген Блојлер на неговата клиника за ментални болести „Бургхелцли“ во Цирих. На 27 години докторирал, а по три години станал доцент на Универзитетот во Цирих. Во 1903 година се оженил со Ема Раушенбах, со која имале пет деца и која му била соработничка до крајот на животот.