carmen-laforet

Кармен Лафорет

Кармен Лафорет е родена во Барселона, во 1921, а починала во Мадрид, во 2004 година. Студирала филозофија, литература и право на универзитетите во Барселона и Мадрид. Една од ретките жени во пантеонот на машките новелисти по Граѓанската војна во Шпанија, нејзиниот опус се вклопува во традицијата на книжевниот егзистенцијализам. Заедно со нобеловецот Камило Хосе Села, нејзиниот прв роман Ништо (за кој истата година ја добива престижната награда Надал) ги поставува основите на тремендизмот – шпански литературен правец кој се карактеризира со нагласена сликовитост, со суров реализам и гротескност. Издаден во 1944 година, кога авторката имала само 23 години, романот веднаш предизвикал сензација во Барселона. Повеќе од половина век подоцна, ова ремек-дело не губи од својата актуелност, од оригиналноста и шармот. Нарекувано и шпански Ловец во ’ржта, се смета за класика на шпанската книжевност. Денес Ништо се наоѓа на светската листа „1001 книга што морате да ги прочитате за време на својот живот“. Со универзалните теми какви што се егзистенцијализмот, деградацијата и духовниот пад на интелигенцијата, како и адолесцентската потрага по идентитет, Лафорет успева да создаде специфично, уникатно и неповторливо дело. Покрај Ништо, нејзината книжевна оставина ги вклучува и романите Островот и демоните, Пијано, Брак, Новата жена, Сончаница и постхумниот Зад аголот. Автор е и на куси раскази, од кои најголем дел се собрани во збирките Мртвата и Повик. Добитник е на неколку награди, од кои најзначајни се Премио менорка и Надал. Преведена е на сите поголеми и позначајни јазици, а нејзиното дело продолжува да живее и долго по нејзината смрт, преоткривано од новите генерации и на тој начин одново и одново потврдувајќи ја непроценливата вредност, привлечноста и бесмртноста на темите, ликовите и нејзините дела воопшто. За огромното значење на нејзиното дело и за популарноста која трае и ден-денес, говори и фразата „По Ништо – ништо!“ (Después de Nada, nada!)

1 book by this author: