clare-mackintosh

Клер Мекинтош

Клер Елизабет Мери Мекинтош е современа британска авторка на трилери и криминалистички романи.

Нејзините дела се преведени на околу 35 јазици и се продадени во над два милиона примерока. Родена е на 28 август 1976 година, во Бристoл, Англиja. Завршила француска филологија и менаџмент на Лондонскиот универзитет „Ројал Холовеј“, по што специјализирала во Париз и работела како двојазичен секретар. Потоа се вработила во полицијата и била прекомандувана во Чипинг Нортон како градски стажант. По извесно време станува оперативен инспектор на полицијата на Темза Вали во Оксофрдшир, вклучително и во Службата за криминалистички истраги и во одделот Заштита на јавниот ред.

По 12 години поминати во силите на редот и законот, во 2011 г. ја напушта полицијата и почнува да работи како писателка, хонорарна новинарка и консултантка во социјалните медиуми. Првиот трилер, „Te oставив да заминеш“, го издава во 2014 г. Тој станува бестселер на „Сандеј тајмс“ и во 2016 година ја освојува популарната награда за криминалистичка литература на Велика Британија – „Тикстон олд пекјулиер крајм новел“. Нејзиниот трилер „Те гледам“ од 2016 г. ја освојува француската награда „Полар“ и е најпродаван на „Сандеј тајмс“. И следниот нејзин трилер, „Остави ме да лажам“ од 2018 година станува бестселер на „Сандеј тајмс“. Во 2019 г. го издава романот „По крајот“, во 2020 г. новелата „Донатор“, а во 2021 г. романот „Заложници“. Во 2019 година издава избор од своите колумни насловен како „Костволдски семеен живот“.Исто така, коавторка e на романот „Замена“ од 2019 година.

Клер Мекинтош е основачка и поранешна раководителка на литературниот фестивал „Чипинг Нортон“. Покровителка е на „Сребрена ѕвезда“, добротворно здружение што ја потпомага работата на болницата „Џон Радклиф“. Живее со своето семејство во гратчето Чипинг Нортон.

1 book by this author: