Клод Бристол
Клод М. Бристол (1891 – 1951), роден во Портланд, Орегон, е американски писател и еден од пионерите на позитивната мисла. За време на Првата светска војна служел војска во Франција и во Германија и пишувал за армискиот весник Ѕвезди и пруги (Stars and Stripes). Погоден од беспарицата, додека бил војник си зацртал дека ќе стане богат, па по вработувањето во банка кариерата непрестајно му одела напред. Преку допирот со религијата како уредник во едно црковно списание, но и со интересот за книги од најразлични области: религијата, науката, езотеријата, психологијата и метафизиката, моќта на верувањето му станува тема на интерес, тврдејќи дека му го поплочила патот до успехот. По првото мало книже објавено во 1932 г. со наслов ТНТ – Тоа го тресе светот, во 1948 г. го објавува своето култно дело Магијата на верувањето. Со својата универзална порака за извонредните моќи на верувањето и повеќе од милион продадени примероци, Магијата на верувањето се смета за светски призната класика на успехот.