Конфуциј
Според традиционалните извори, Конфуциј се родил во 551 година пр. н. е. Презимето му било Конг; личното име Чјиу; а учтивото име (односно името со кое поголемиот број луѓе би му се обраќале), Џонгни. Името Конфуциј е латинизиран облик на Конг фуѕи, или Почитуваниот Учител Конг – имено на титулата која обично се применувала кога говорниците на кинескиот јазик сакале да укажат на него. Конфуциј се родил во малата феудална држава Лу, сместена во североисточна Кина, во областа која денес ја зазема Провинцијата Шандонг. Неговиот татко, кој бил припадник на класата ши, најнискиот благороднички ред, умрел додека Конфуциј бил мошне млад. Од Аналектите е јасно дека Конфуциј израснал во услови на значително сиромаштво, искуство што изгледа го навелода стане особено чувствителен во врска со работите кои се однесуваат на класата и богатството. Уште на рана возраст, како што самиот ни кажува, се посветил на учењето, па важноста на образованието е една од главните теми на Аналектите. Не е познат степенот до кој тоа „учење“ се однесувало на пишани текстови, а до кој се темелело врз усно предание. Аналектите често се повикуваат на две дела, Книгата на одите и Книгата на документите. Според легендата, Конфуциј го дал својот придонес во приредувањето на двете. Уште еден ран текст, Книгата на промените, исто така се споменува во една верзија на Аналектите. Овие книги ги претставуваат трите од она што подоцна ќе стане познато како пет конфуцијански класични дела, со тоа што останатите две се Пролетните и есенски аналекти – хроника на државата Лу, за која се вели дека самиот Конфуциј ја приредил – и Книгата на обредите, збирка текстови посветени на ритуалите и церемониите. Независно од тоа дали ученоста на Конфуциј се должела на пишани текстови или усни преданија, се чини дека тој бил длабоко посветен на темите кои ја одразувале раната култура на Кина, особено оние за владетелите-мудреци на Шјиа, Јин и Џоу, односно таканаречените Три династии од времето кога, како што се верувало, Кина ја уживала ерата на мир и општествена хармонија, а кое ќе служи како идеален урнек за идните генерации. Тој, како што изгледа, бил особено заинтересиран за обредите, музиката и другите културолошки елементи кои ги одликувале тие периоди.