cornelia-funke

Корнелија Функе

Корнелија Функе (1958, Дорстен, германскиот регион Вестфалија) е германска авторка на фантастична литература за деца која објавила над 40 книги, за кои добила многу награди, а нејзините најпознати дела се преведени на 37 јазици и се издадени во над 10 милиони примероци. Студирала педагогија и илустрација на книги на Државниот универзитет за дизајн во Хамбург. Три години работела како социјален работник на еден образовен проект, со деца со посебни потреби од сиромашни средини. Работејќи како дизајнер на друштвени игри и илустратор на книги за деца, била разочарана од начинот на кој се раскажуваат приказните. Користејќи ја својата желба и дарба да црта чудесни суштества и магични светови, а не познати ситуации од училиштето и домот, почнала самата да создава свои приказни за младите читатели. Корнелија Функе е прецизен истражувач. Пред да почне да ја пишува својата трилогија Срце од мастило (објавена во периодот 2004 – 2008), таа истражувала за книжарниците, за колекционерите и за крадците на книги, па дури и за пламеноголтачите. Потоа ги замислувала ликовите и местата и ја пишувала содржината за првите 20 поглавја. Дури потоа – по шест месеци – ја напишала првата реченица. Секогаш сама ги црта своите скици – со пенкало и мастило, создавајќи слика на своите ликови, што ѝ помага да пишува за нив. Најпознати ѝ се романите: Господарот крадец (The Thief Lord – 2002); Јавач на змеј (The Dragon Rider – 2004); Кога Дедо Мраз падна на Земјата (When Santa Fell to Earth – 2006); Храбрата Игрејн (Igraine The Brave – 2007); Спасувајќи го Мисисипи (Saving Mississippi – 2010); Витезот дух (Ghost Knight – 2012). Од 2005 година живее со семејството во Лос Анџелес.

1 книга од овој автор: