Даниел Х. Пинк
Даниел Х. Пинк е современ американски автор, новинар, предавач и консултант. Има објавено седум провокативни книги за мотивацијата, современиот бизнис, креативноста и однесувањето, од кои четири се прогласени за бестселери на „Њујорк тајмс“.
Даниел Х. Пинк (1964) е роден во Охајо. Средното образование го завршил во 1982 година, во Бексли, а потоа студирал на Универзитетот „Нортвестерн“ и право на Универзитетот „Јејл“. Доделени му се почесни дипломи од Институтот „Прат“ во 2013, од Колеџот за уметност и дизајн „Ринглинг“ во 2011 и од државниот Универзитет „Весфилд“ во 2010 година.
Бил водител и копродуцент на документарната телевизиска серија „Крауд контрол“ што се емитува во 100 држави. Објавува стручни статии во повеќе весници и списанија, како „Њујорк тајмс“, „Харвард бизнис ривју“, „Сандеј телеграф“. Држи предавања во многу компании и здруженија, како и на повеќе светски универзитети, за економската трансформација и работните места. Пред да се прослави како автор, работел како помошник на министерот за труд (1993 – 1995), како и во прес-службата на потпретседателот Ал Гор од 1995 до 1997 година. Статијата за ова свое искуство, што ја објавил во списанието„Фест компани“ во 1997 година, подоцна прераснала во книга со која започнува неговата самостојна кариера како автор и бизнис-консултант.
Неговите книги се преведени на 42 јазика и се продадени во над 2 милиони примерока низ целиот свет. „Поривот“ е прогласена за една од најдобрите книги во областа нефикција во 2018 година од страна на Амазон, Ибукс и Гудридс. Други негови книги се „Кога: научните тајни за совршен тајминг“, „Целосно нов ум“, „Човечки е да се продава“.
Живее во Вашингтон, со сопругата и трите деца.