david-almond

Дејвид Алмонд

Израснав во големо семејство во Фелинг, мало планинско гратче што се наоѓа покрај реката Тејн. Тоа беше место преполно со стари рудници за јаглен, темни преплетени улички, чудни продавници, нови фарми и ритчиња обраснати со дива шума. Тоа место и луѓето кои живееја тука ми подарија многу приказни. Работев како поштар, продавач, работник во фабрики и на бродоградилишта. Исто така, шест години бев уред­ник на списанието за книжевност Панургиј, а подоцна работев и како наставник во основно, во средно и во специјално учи­лиште. Живеев на многу места, а своите први приказни ги напишав во една далечна и стара викендичка во Норфолк. Сега живеам со своето семејство во Нортамберленд.

Скелиг се појави сосем ненадејно, еден ден додека чекорев на улица. Кога почнав да ја запишувам приказната, имав чувство дека се пишува самата од себе. Набрзо по објавувањето, книгата беше преработена во радиодрама за Би-би-си радио 4. Потоа стана и театарска претстава, чијашто премиера се одржа во лондонскиот театар „Јанг Вик“, во режија на Тревор Нан и со Дејвид Трефал во главната улога. Во 2008 година романот беше адаптиран во опера, со музика од американскиот композитор Тод Мачовер и со Омар Ебрахим во улогата на Скелиг. А сега приказната е филмувана и прекрасната актерска екипа ја предводи Тим Рот. Сите овие адаптации ја преобразуваат и ја пресоздаваат мистериозната приказна што самата се појави во мене оној ден додека чекорев по улицата. На едно место во Скелиг, Мина вели: „Еволуцијата нема крај... Можеби треба да бидеме подготвени да тргнеме напред. Можеби не ни е судено да останеме засекогаш вакви.“ Оваа мисла еднакво важи и за луѓето и за приказните. Приказните еволуираат и растат, и се развиваат во различни форми. На хартија можеби изгледаат фиксирани, совршени, речиси недопирливи и непроменливи, но тоа е само илузија. Приказните имаат крилја и можат да летаат.

Дејвид Алмонд

1 book by this author: