dino-buzzati

Дино Буцати

Италијанскиот писател, новинар, драматург, либретист и сликар Дино Буцати Траверсо е роден во Белуно (Италија), на 16 октомври 1906 година, во семејство со богата културна традиција, од татко професор по меѓународно право на универзитетите во Павија и на Бокони во Милано, и од мајка Алба, по потекло од Венеција, сестра на познатиот писател Дино Мантовани кој се стекнал со слава во втората половина на XIX век.


По завршувањето на гимназијата Буцати се запишува на правни студии по желба на семејството. Привлечен од новинарството, во јули 1928 г., уште пред да ги заврши студиите, почнува да работи како приправник во весникот Кориере дела сера (Corriere della sera), каде што ќе го помине речиси целиот свој работен век. Подоцна соработува со списанието Народот на Ломбардија (Il popolo di Lombardiа), во кое објавува театарски едночинки и раскази, а работи и како илустратор.

Новинарското искуство му нуди цел репертоар теми кои ќе се најдат во многу негови раскази, кои ги пишува, меѓу другото, и за да ја разбие монотонијата на својата професија. Во 1933 г. го објавува својот прв роман Барнабо од планините (Barnabo delle montagne), а по само две години и Тајната на старата шума (Il segreto del bosco vecchio). Во 1939 г., веднаш по предавање на ракописот на романот Татарска пустина, оценет како ремек-дело од страна на читателите и критича­рите, Буцати заминува за Адис Абеба, со бродот Колумбо, како воен известувач на Кориере дела сера. Но се разболува од тифус и се враќа во Италија токму во моментот на избивањето на Втората светска војна.

Во 1949 г. ја објавува збирката раскази Страв во Скала (Paura alla Scala), во 1950 г. збирката од 88 дела насловена Токму во тој момент (In quel preciso momento), а по четири години и збирката раскази Падот на Баливерна (Il crollo della Baliverna), со која ќе ја освои наградата Наполи. Со збирката Шеесет раскази (Sessanta racconti), во 1958 г., Буцати станува добитник на престижната награда Стрега.

Неговите најубави раскази се објавени во збирката Продавница на тајни (Boutique del mistero), отпечатена во 1968 г. од издавачката куќа Мондадори од Милано. Пишува и драмски текстови: Мала прошетка (Piccola passeggiata, 1942), Клинички случај (Caso clinico, 1952), но и либрета за опери. За издавачот Мондадори во 1971 г. ја печати збирката раскази Тешки ноќи (Le notti difficili). Буцати интензивно се занимавал и со сликарство и илустрации. И покрај аматерскиот карактер на неговите цртежи, тие се омилени меѓу публиката и доживуваат многу изложби.

Починал од тумор на панкреасот (исто како татко му), на 28 јануари 1972 г., во Милано, во еден ден кога надвор беснее снежна виулица. Централна тема во творештвото на Дино Буцати е човекот, стравот од неизбежното течење на времето, илузиите, апсурдноста на човечкото постоење, преточени преку симболичното патување на главните јунаци во нереални простор и време, кон некоја нејасна цел или по линијата меѓу животот и смртта. 

1 book by this author: