donna-tartt

Дона Тарт

Дона Тарт (Donna Tartt, 23 декември 1963 – ) – американска есеистка, критичарка и авторка на бестселери во жанрот современ роман и трилер, претставничка на неоромантизмот. Родена е во Гринвуд, Мисисипи, во семејство на локален политичар. Дипломирала на Универзитетот Бенингтон. Авторка е на романите Тајната историја (The Secret History, 1992), Малиот пријател (The Little Friend, 2002), за кој ја доби наградата В. Х. Смит и Трнарчето (The Goldfinch, 2013), за кој ја доби Пулицеровата награда во 2014 година и се најде на листата Сто највлијателни личности на списанието Тајм. Трнарчето се најде и во најтесна конкуренција за наградата на Националниот круг на книжевни критичари. Исто така, ги доби и италијанската книжевна награда Малапарте (2014) за странски автор и Медалот Ендру Карнеги за најдобар роман. Тарт има објавено и два подолги расказа: „Божикна претстава“ (A Christmas Pageant, 1993) и „Гартеровата змија“ (A Garter Snake), како и неколку документаристички книги. Романите й се преведени на триесетина јазици. Дона Тарт живее повлечено и ја избегнува медиумската помпа. На прашањето зошто нејзините читатели мора да чекаат во просек десетина години за да го читаат нејзиниот нов роман, Тарт одговара: „Многумина ме прашале зошто не пишувам побрзо. Се обидов, само за да видам дали можам. Но тој начин на пишување не е карактеристичен за мене. Без волја би издавала книги на секои три-четири години. Ако јас не би уживала додека ги пишувам, луѓето не би уживале додека ги читаат. Не сакам да бидам само лесна забава. Се прашувам – која е целта да се прави нешто на таков начин?“

1 книга од овој автор: