Едина Сворен
Едина Сворен е родена во 1974 година, во Будимпешта. Учела во Средното музичко училиште „Бела Барток“, а потоа студирала на Музичката академија „Франц Лист“. Во 2010 година ја објавила својата прва книга Перту (Pertu), за која ја добила наградата „Броди Шандор“ за најдобро дебитантско прозно дело. Нејзината втора книга Нема и нека не ни има (Nincs, és ne is legyen) ја доби Наградата за литература на Европската Унија во 2015 година. Во истата година е објавен и нејзиниот трет роман, Најдобриот џелат во земјата (Аz ország legjobb hóhéra). Во своите раскази Сворен пишува за човечкото тело, за дистанците што нè делат и за отуѓувањето, ни раскажува за душите, затвореноста и човековиот идентитет. Големиот унгарски критичар Пал Рез го забележува талентот на Сворен „да се задлабочува во животот на понижените и навредените. Но таа оди понатаму од големите руски автори во таа религија на страдањето, претворајќи ја човечката солидарност во еротика... Тоа е многу самобитно и прекрасно“.