Ерик Берн
Ерик Берн (1910–1970) е истакнат психијатар, основач на транскациската анализа и автор на многу бестселери. Завршил медицина на Универзитетот Мекгил. Стажирал во Њу Џерси; специјализирал психијатрија на Јејл, а психоанализа во њујоршкиот Институт за психоанализа. Во 1947 г. ја објавил книгата Умот во акција, во која дал критички преглед на овие две подрачја. Во Втората светска војна стапил во Санитетската служба на Американската армија и стигнал до чин мајор. Во тоа време почнал и со примена на групна терапија не само на Психијатриското одделение на Бушнеловата општа воена болница туку и со цивили. Подоцна работел како помошен психијатар во болницата во Сан Франциско, консултант при Сантитетот на армијата, надворешен соработник на Клиниката за ментална хигиена на бившите борци, а вршел и приватна практика, водел семинари, држел предавања и пишувал книги. Во ноември 1957 г., во Лос Анџелес настапил на Западниот регионален собир на Американското здружение за групна психотерапија со статијата „Трансакциска анализа: еден нов и ефективен метод за групна терапија“. По нејзиното објавување во Американскиот журнал за психотерапија, во октомври 1958 година, името на Берновиот метод за дијагноза и лекување – трансакциска анализа – станува траен составен дел на психотерапевтската литература. Продолжил да ја развива и да ја применува својата методологија, што го навела да ја објави книгата Која игра ја играш? Ова дело постигна инстант-успех, а Берн остави извонредно наследство од над 30 други книги и написи. Исто така, тој ги постави и темелите на Меѓународното здружение за трансакциска анализа.