gabor-mate

Габор Мате

Д-р Габор Мате е унгарско-канадски доктор и автор, почитуван психотерапевт, експерт за детски развој и признат специјалист во лекувањето на зависности со над 40-годишно истражувачко и клиничко искуство. Автор е на повеќе меѓународни бестселери што се објавени на 25 јазици.

Роден е на 6 јануари 1944 година, во Будимпешта. Имал тешко детство. Баба му и дедо му биле убиени во Аушвиц кога тој имал само пет месеци. Тетка му исчезнала за време на војната, а татко му вршел принудна работа за Националсоцијалистичката германска работничка партија. Во 1956 година семејството емигрирало во Канада. Студирал за време на Виетнамската војна во доцните шеесетти години и се здобил со диплома на Универзитетот во Ванкурвер. Откако извесно време предавал како професор по англиски јазик и литература во едно средно училиште, се вратил на Универзитетот за да магистрира.

Во основата на сите негови бестселери лежи долгогодишното практично искуство што го има во областа на медицината и психичкиот развој. Убеден е дека постои цврста врска меѓу психичкото и физичкото здравје и импресионира со својот уникатен, продлабочен и прониклив поглед кон проблемите на стресот, зависното однесување, синдромот на дефицит на внимание и кон други современи предизвици.

Мате водел семејна ординација во Источен Ванкувер над 20 години. Голем број од неговите пациенти, освен проблеми со умственото здравје и психички нарушувања, имале проблем и со употреба на недозволени супстанции.

Д-р Мате е коавтор на иновативниот тераписки пристап за лекување на трауми (Compassionate Inquiry) и на истоимената меѓународна програма за професионална обука со илјадници учесници од над 80 држави. За својата исклучителна работа е награден со Орденот на Канада – највисокото граѓанско одликување во земјата. Документарниот филм за животот и делото на д-р Мате, наречен „Мудроста на траумата“, е гледан од над 6 милиони луѓе во 230 земји.

Автор е на неколку многу продавани книги: Расеани умови: потекло и лечење на нарушеното внимание (Scattered Minds: The Origins and Healing of Attention Deficit Disorder); Кога телото вели не: цената на скриениот стрес; Во земјата на гладните духови: затвореник во светот на зависност (In the Realm of Hungry Ghosts: Close Encounters with Addiction). Заедно со Гордон Нојфелд коавтор е на Бидете им поткрепа на своите деца: зошто родителите мора да бидат поважни од врсниците (Hold On to Your Kids: Why Parents Need to Matter More Than Peers). Поранешен колумнист кој пишува медицински статии за Глоуб енд мејл, доктор Мате ги испреплетува научните истражувања, историите на случаи и сопствените сознанија и искуства нудејќи ни јасна слика која нѐ бодри и поттикнува да си помогнеме, како самите себе така и на другите во лекувањето.

1 book by this author: