herman-hesse

Херман Хесе

Херман Хесе (1877 – 1962) е германски писател, поет и сликар, добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1946 година. Познат по своите ремек-дела „Сидарта“, „Степскиот волк“, „Демијан“ и „Играта со стаклени мониста“, по индивидуалната потрага по автентичност, себеспознавање и спиритуалност, тој остава бесценета трага во светската литература. Роден е во 1877 година, во покраината Виртемберг. Татко му бил балтичко-германски мисионер, а мајка му филолог, обајцата се занимавале со издавање религиозна литература. Неговите родители долго време престојувале во Индија, а кога Херман наполнил три години се преселиле во Базел, каде татко му работел како предавач во Мисионерскиот институт до 1886 година, по што повторно се преселиле во Германија. Како дете бил исклучително интелигентен и пргав, но кога тргнал во училиште покажувал знаци на депресија и осаменост. Во 1890 година одел во латинското подготвително училиште во Гетинген, а следната година се запишал во Протестанската богословија во Малуброн, но по неколку нереди со кои го покажал својот бунтовен карактер, бил избркан. Влегол во конфликти со своето семејство, а во мај 1891 г. се обидел да се самоубие, по што престојувал во три ментални институции. Врз градењето на неговиот карактер влијаеле повеќе фактори – растењето во Швабија, културен, историски и лингвистички регион во југозападна Германија во времето на пиетизмот, љубовта на мајка му кон поезијата и музиката, наравот на татко му кој Хесе го опишува како дистанциран странец и осамен гостин, влијанието на француската и швајцарската културна заднина од баба му, како и влијанието од дедо му, кој бил доктор по филозофија, зборувал повеќе јазици и го охрабрувал да чита. Во 1895 г. започнал да работи во книжарница во Тибиген. Во тоа време се посветил на теологијата, филозофијата и правото. Ги проучувал ракописите на Гете, Лесинг, Шилер и грчката митологија. Почнал да ја истражува и филозофијата на Ниче. Во периодот кога се осамостоил финансиски од родителите, се концентрирал на романтичарите. Во 1897 година објавил мала збирка поезија, „Романтичи песни“, по што добил писмо со пофалби од Хелен Војт. Таа подоцна се омажила за младиот издавач Дидерих кој, за да ја усреќи, се согласил да ја издаде и „Еден час по полноќ“ на Хесе. Двете книги доживеале неуспех, што придонело за неговиот психички крах. Од крајот на 1899 работел во истакната антикварница во Базел. Уметнички се развил и се посветил на самоистражувањето. Во 1900 г. бил одбиен од воената служба поради очна болест, што заедно со нервните растројства и постојаните главоболки длабоко влијаеле врз неговиот живот и пишување. Откако Семјуел Фишер се заинтересирал за неговите ракописи и ги издал, Хесе стекнал слава што му овоможила и да се издржува како писател. „Петер Каменцинд“ Фројд ја означил дури и како една од своите омилени книги. Во 30-тите години германските списанија не ги објавувале неговите дела, а тој со помош на Б. Брехт и Т. Ман успеал да се спаси од нацистичкиот режим и да се пресели во Швајцарија. Починал во 1962 година, на 85 години, во швајцарското гратче Монтањола. Во своите дела Херман Хесе се занимава со вечните егзистенцијални, духовни и мистични теми, под големо влијание на будистичката и хиндуистичката филозофија, како и на психоанализата. Растргнатоста меѓу сопствените ставови, меланхолијата и тегобноста на самото време се чувствуваат во сите негови книжевни остварувања. Зборувајќи за човечноста и смислата на постоењето, тие денес се можеби и поактуелни од времето кога биле напишани.

1 book by this author: