Илина Арсова
Илина Арсова (31 јули 1982, Скопје) е македонска ликовна уметничка и планинарка. Позната е по својата ликовна уметност и изложбите, по активистичките движења посветени на екологијата и животната средина, како и поттикнувањето на активен животен стил кај младите, особено кај жените. Но најпозната е по тоа што ги искачила највисоките седум врва на седумте континенти во светот.
Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во класата на Рубенс Корубин и Јован Шумковски во 2005 г. Истата година станала член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија – ДЛУМ. Во 2008 година магистрирала Јазици, бизнис и меѓународна трговија на Универзитетот во Орлеан, Франција.
Како ликовен уметник има реализирано над десет самостојни изложби во Македонија, а учествувала и на неколку истакнати групни изложби во светот. Преку својата уметност, на креативен начин успева да влијае врз еколошката свест.
Планинарските спортови ѝ се повеќе од страст. Посериозно им се посветува од 2006 година, и тоа преку планинарење, алпинизам, слободно скијање, летање, качување по карпи и планински велосипедизам. Истата година се искачува на Монблан, а до 2016 година успева да искачи пет од седумте највисоки врва, на 5 различни континенти. Еден од нејзините најголеми предизвици е проектот „Седум врва на седум континенти“, кој го имаат остварено само 66 жени на светот. Досега успеала да се искачи на десетина врва повисоки од 4.000 метри, десетина на височина од 5.000 метри, четири на 6.000 метри и еден врв повисок од 8.000 метри.
Илина Арсова е првата Македонка која се искачила на Монт Еверест, на надморска височина од 8.848 метри, во експедиција која трае два месеца, од кои 53 дена се поминуваат на висина од над 3.000 метри. За овој нејзин подвиг во 2020 година ѝ беше доделена наградата „13 Ноември“ на Град Скопје од областа на спортот.
Автор е на книгата „Планинарење“, објавена во 2020 година.