Итало Калвино
Итало Калвино е еден од најзначајните италијански и светски автори, критичар, есеист, преведувач, новинар, неуморен патник, предавач на многу универзитети, експериментатор во раскажувачките постапки, најпреведуваниот современ италијански писател. Роден е во 1923 година, во Сантјаго де лас Вегас, денес дел од Хавана, каде што неговите родители извесно време работеле како агрономи во научна лабораторија. Но за него родно место секогаш ќе биде Санремо. Безгрижната младост во тоа место ќе биде прекината од Втората светска војна, кога се запишува на Земјоделскиот факултет во Торино продолжувајќи ја накратко агрономската традиција во семејството. Во тоа време почнува да се интересира за политиката и неговите левоориентирани определби ќе го натераат неколку месеци да помине во илегала, бидејќи не се одзвал на мобилизацијата на Република Сало по капитулацијата на Италија.
Во 1944 г. се зачленил во Комунистичката партија (која ќе ја напушти во 1957) и неколку месеци поминал како партизан во бригадата „Гарибалди“. По војната ги продолжил студиите на Филолошкиот факултет во Торино, каде што дипломира во 1947 г. со теза за делото на Џозеф Конрад. Истовремено, благодарение на пријателството со Чезаре Павезе, го објавува првиот расказ во „Аретуза“ и така започнува неговата соработка со повеќе списанија. Расказите објавувани во нив ќе влезат во збирката „Последен доаѓа гавранот“ (1949). Тогаш започнува и неговата соработка со издавачката куќа „Еинауди“, прво како аквизитер, потоа како рекламен агент и најпосле како уредник, заедно со Павезе и Елио Виторини. Како писател, уредник и стручен соработник, со куси прекини, со овој издавач ќе биде поврзан сѐ до 1981 година.
По успесите на неговите раскази, својот прв роман „Патека до пајаковите гнезда“ (1946) го пишува како обид да се зафати со подолгите форми. Книгата ќе доживее успех и во 1947 г. за неа ќе ја добие книжевната награда „Ричоне“. Во 1956 г. со „Еинауди“ го започнува проектот „Италијански приказни“, избор и превод од различни италијански дијалекти на 200 народни приказни. Овој „бајколошки“ опус Калвино ќе го надополни и со познатата трилогија „Нашите предци“ (1960) составена од три куси романи: „Располовениот виконт“ (1952), „Барон на дрво“ и „Рицарот што не постои“ (1959). Раскажувачката активност ќе ја продолжи со објавување на „Раскази“ (1958), наградена со „Багута“, и збирката раскази за деца „Марковалдо или годишни времиња“ во 1963 г. Во 1965 г. излегуваат „Космикомики“, а две години подоцна втората книга на овие приказни наречена „Т со нула“.
Во 1967 г. со семејството се сели во Париз, а наредната година учествува на два семинара со Ролан Барт и почнува да се занимава за семиологија. Од неговиот престој во Париз значајно е пријателството со Рејмон Кено и членовите на групата УЛИПО, чијшто член ќе стане во 1972 година. Како резултат на оваа соработка, во 1969 г. излегува првата, а во 1973 г. втората верзија на „Замокот на вкрстените судбини“, напишана според тарот-картите. Во 1972 г. ја објавува збирката раскази „Невидливи градови“, а во периодот 1974 – 1979 ќе напише голем број статии и раскази за познатиот весник „Кориере дела сера“. Од 1976 г. една година патува низ повеќе земји држејќи предавања на универзитетите во САД, Мексико и Јапонија. Во 1979 г. го објавува романот „Ако една зимска ноќ некој патник“, што ќе доживее голем успех не само во Италија. Следната година се преселува во Рим и објавува збирка статии „Уште еден камен – размислувања за литературата и општествениот живот“, а во 1983 г. му излегува збирката раскази „Паломар“. По својот кус престој во Аргентина, во 1984 г. ги објавува книгата есеи и статии „Збирка од песок“ и проширеното издание на „Стари и нови космикомики“.
Починал во 1985 година, не успевајќи да ги заврши белешките за серија предавања на Универзитетот во Харвард, што ќе бидат приредени од неговата сопруга и објавени постхумно под наслов „Американски предавања“ во 1988 г., како и незавршената збирка раскази „Под сонцето на јагуарот“ (1986). Други негови постхумно објавени дела се: „За бајката“ (1988), автобиографскитe раскази „Улицата Сан Џовани“ (1990), преписката со писатели „Туѓите книги“ (1991) и „Зошто да се читаат класиците“ (избор есеи за неговите најомилени писатели), збирката куси раскази, статии и белешки „Пред да кажам молам“ (1993), „Пустиникот од Париз“ (еден вид автобиографија).
Меѓу другите значајни награди и признанија, во 1975 г. Калвино бил избран за почесен член на Американската академија, во 1976 г. ја добил Австриската државна награда за европска литература, а во 1981 г. францускиот Национален орден на Легија на честа.
Исклучително плодното творештво на Итало Калвино вклучува и текстови за музичка изведба, за театар, многу написи за филмски списанија, текстови инспирирани од делата на фигуративните уметници, ангажирани есеи, значајни предговори на сопствени и туѓи дела, литературни есеи, раскази објавувани во периодиката. А пред сѐ, и покрај целиот постмодернизам во голема мера произлезен од неговото дело, Калвино останува еден речиси старовремски магионичар на приказните, вистински мајстор на раскажувањето.