ivan-alexandrovich-goncharov

Иван Александрович Гончаров

Роден е во Симбирск (денешен Уљановск) во 1812 година, во имотно семејство, во огромна куќа, која функционирала како самостојно домаќинство, со сите тогаш вообичаени придружни објекти и со многу слуги и вработени. Татко му умира на негова седумгодишна возраст, а потоа за него се грижи очувот, кој инсистира на неговото солидно образование. Се школува на Московскиот универзитет, во прво време на отсекот за трговија, по стапките на својот татко, но набргу се префрла на филолошкиот отсек и станува одличен познавач на книжевноста и на неколку странски јазици. Сепак, целото негово подоцнежно службување останува во рамките на бирократскиот систем. Еднаш е преведувач, другпат службеник во канцеларијата на градоначалникот на Симбирск. Возрасниот Гончаров се преселува дефинитивно во Санкт Петербург каде што живее сè до својата смрт. Во текот на животот бил постојано распнат помеѓу бирократското службување и креативниот порив. Една од неговите позабележителни служби била работата како книжевен цензор, која подразбирала непрестојно читање и проверување, односно критикување на книжевните дела на современиците, накусо речено – крајно исцрпувачка и неблагодарна работа. Извесен период бил секретар на адмиралот Е. В. Путјатин на фрегатата „Палада“ која била на дипломатска мисија во Јапонија и со која ги препловоил Атлантскиот, Индискиот и Тихиот Океан, а по пловидбата ја пропатувал речиси цела Русија по копнен пат, така што зад себе оставил патописни записи со особена книжевна вредност, објавени во 1858 г. под насловот Фрегата Палада. Не оформил семејство и животот го завршил сам и депресивен во истиот дом во кој ги минал последните триесет години од својот живот. Во 1891 година, на осумдесетгодишна возраст, умрел од пневмонија во Санкт Петербург. Книжевното творештво главно му се концентрира врз трите романи кои претставуваат своевидна трилогија: Обични приказни, Обломов и Бездна. Сите ги пишувал во огромни временски интервали, со децении, а последниот го сметал за свое животно дело, за свое семејство, свое чедо... Сепак, тој роман не го повторил успехот на претходниот и сè уште е скриен во неговата сенка. Во неговите прози се проследува менувањето на прозната парадигма во руската литература на деветнаесеттиот век од доминантно романтичарски вид во доминантно реалистичен вид. Тој процес е многу поексплицитен кај неговиот соперник Тургењев, така што во книжевната историја типот на тој преоден роман најчесто се определува како „тургењевски“ роман, иако многу лесно, во зависност од околностите, можело да се случи денес во училишните учебници таа определба да гласи и „гончаровски“ роман. Затоа што главните обележја на тој премин се видливи во делото на Гончаров, но неговата инертност, недоволна самодоверба, растргнатоста и недоволната концентрираност врз творештвото во неговиот на извесен начин трагичен живот, не дозволиле тие да избијат на преден план и да станат забележани од критиката. Сепак, она по што Гончаров е неоспорно вреднуван во текот на својот живот и подоцна, и по што е запаметен во светската книжевна ризница е неговиот роман Обломов.

1 книга од овој автор: