jacqueline-wilson

Џеклин Вилсон

Џеклин Вилсон е современа англиска романсиерка, авторка на голем број бестеселери за деца кои се преведени на над 30 јазици и се продадени во над 40 милиони примероци само во Велика Британија. За време на шоуто „Големото читање“ на Би-би-си во 2003 година 4 од нејзините книги влегоа меѓу 100-те најпопуларни книги во Велика Британија, а 14 од нив во топ 200. Во периодот 2002 – 2008 е прогласена за еден од најчитаните автори во библиотеките. Родена е на 17.12.1945 година, во Бат, Сомерсет, но поголемиот дел од детството го поминала во Кингстон на Темза. Уште од мала многу читала и почнала самата да пишува. Својот прв „роман“ од 21 страница го напишала кога имала девет години. На 16 години ја завршила женската гимназија „Кумби“ во Њу Малден и потоа завршила курс за секретарки. Како тинејџерка почнала да работи за издавачката компанија Томпсон њуспејперс, како новинарка во списанието за девојчиња Џеки, пред целосно да се посвети на пишувањето. Еден од нејзините најуспешни ликови е Трејси Бикер, која за првпат се појавува во Приказната за Трејси Бикер во 1991 година и ја освојува наградата „Блу Питер“. Серијалот за Трејси Бикер постигнува огромен успех и привлекува голема публика. Оттогаш таа редовно влегува во потесниот избор за повеќе награди. Илустрираната мама била прогласена за Најдобра книга за деца на Гардијан, Книга за деца за 1999 година во Британија и била во потесен избор за наградата „Витбред“ за најдобра книга за деца. Двојнички ги освоила престижната награда „Смартис“ и Наградата за најдобра книга за деца. Удостоена е со титулата „доктор хонорис кауза“ од Универзитетот на Винчестер во 2005 г. и од Универзитетот на Роухемптон во 2007 г. Во 2002 г. ја добива титулата офицер на Редот на Британската Империја, а во 2008 г. титулата дама. Во 2012 г. е избрана за почесен член на колеџот „Корпус Кристи“ на Кембриџ. Во 2013 г. е назначена за професор на магистерските програми по литература за деца и креативно пишување на Универзитетот Роухемптон. Од 2014 година е ректор на Универзитетот. Романите на Џеки Вилсон се занимаваат претежно со контроверзни теми какви што се посвојување, развод, престој во интернат, душевни болести. За својот придонес во литературата за деца во 2014 г. беше номинирана за меѓународната награда „Ханс Кристијан Андерсен“.

1 book by this author: