Џејн Остин
Џејн Остин ( родена на 16 декември 1775 – починала на 18 јули 1817) — англиски романописец, чиј реализам, остри коментари за општеството и одличната употреба на слободниот индиректен говор, пародијата и иронијата и го овозможиле местото на најчитаната и најсаканата писателка во англиската книжевност.
Уметничкото надоградување на Остин траело од адолесцентските години па сè до нејзината триесет и петта година. Во овој период, таа експериментирала со различни книжевни форми, вклучувајќи го и епистоларниот роман кој таа прво го пробала, но подоцна го напуштила и напишала и значително преработила три големи романи и почнала четврт. Од 1811 па сè до 1816 година, со издавањето на „Разум и чувства“ (1811), „Гордост и предрасуди“ (1813), „Паркот Менсфилд“ (1814) и „Ема“ (1816), таа постигнала успех како писател кој бил издаван. Таа дополнително напишала два романи, „Опатијата Нортангер“ и „Убедување“, кои биле постхумно издадени во 1818 година и го започнала третиот, кој на крајот го добил името „Сандитон“, но починала пред да успее да го заврши истиот.