Џенет Рејнвотер
Џенет Рејнвотер е еден од основачите на Институтот за Гешталт-терапија на Лос Анџелес и негова поранешна претседателка. Таа е иницијаторка и повеќе години организаторка на резиденцијални едукативни програми што овој Институт ги организираше во Европа. Водела над петстотини терапевтско-едукативни семинари во Америка, Европа, Азија и во Австралија. Својата психотерапевтска едукација ја поминала кај неколкумина истакнати психотерапевти, како што се Фриц Перлс, Џим Симкин, Роберто Асаџоли, Франсис Регардие и Бру Џој. Во својата работа ги комбинира гешталт-методата, психосинтезата, Рајховиот пристап и пренесувањето телесна енергија. Особено е заинтересирана за соништата, конструктивното користење на фантазијата, пишувањето, движењето за ослободување на жената и борбата за мир, во кои е мошне ангажирана. Нејзината книга е напишана така за да нè води поблиску до нас самите и да нè прави поодговорни кон себеси, постапно, преку вежби и теориски објаснувања, и со зголемување на нашата свесност за себеси. Таа ни помага подобро да ги запознаеме луѓето и светот околу нас и да станеме посвесни за својот однос со нив, за да можеме да ги менуваме, доколку тоа го посакаме. Се надеваме дека нејзините вежби ќе се покажат мошне корисни за мнозина читатели што ќе поминат низ нив. Таа може да е поттикнувачка и значајна за оние што сакаат понатаму да се развиваат, да го променат однесувањето со кое не се задоволни, да ги решаваат своите тешкотии и проблеми, да живеат поцелосно, порадосно и посреќно. Таа им е наменета и на здравите и на оние кои не се здрави, како и на оние што се наоѓаат некаде на средината помеѓу овие две реалности.