jiddu-krishnamurti

Џиду Кришнамурти

Џиду Кришнамурти е индиски философ, говорник и писател, еден од најголемите мислители и духовни учители на сите времиња. Се занимавал со прашањата на духовноста, медитацијата, самоспознанието, образованието, човечките односи, позитивните промени во светот.

Роден е на 12 мај 1895 година, во сиромашно браманско семејство во Маданапал, Индија. Татко му бил чиновник во британската колонијална управа и член на Теозофското друштво. Бил слабо, болешливо и мечтателно дете, кое имало натсетилни искуства и кое учителите и татко му често го тепале сметајќи го за умно растроено. На 14 години го привлекол вниманието на теософите Чарлс В. Лидбитер и Ени Бесант, која го гледала како „нов месија“ и верувала дека ќе стане духовен учител. По три години го одвеле во Англија, каде што се школувал. Но во 1929 година Кришнамурти ги прекинува врските со Теософското друштво и почнува да патува низ светот како независен говорник, зборувајќи за прашањата на основните човечки проблеми и промовирајќи го своето религиозно и мистично учење. Независно дали разгледува политички теми со Индира Ганди, дали дискутира за философски прашања со Руперт Шелдрејк и Ајрис Мердок, или, пак, ги поттикнува своите слушатели да ја подложат на сомнение вистината во неговите зборови, Кришнамурти целосно се вклучува во секој аспект на човечкото постоење и го објаснува на само нему својствен начин.

Многумина го сметаат за исклучителна личност со револуционерни познанија и голема проникливост. Џорџ Бернард Шо изјавил дека тој е најубавото човечко суштество што некогаш го видел, а Олдос Хаксли бил еден од неговите блиски пријатели. Дипак Чопра, Екарт Тол, Џозеф Кембел, Алан Вотс и многу други автори искажуваат јавна благодарност кон него и неговите книги. Основал неколку училишта, објавил многу книги, меѓу кои се истакнуваат „Медитација и осознавање“, „Првата и последната слобода“, „Единствената револуција“, „Образованието и смислата на животот“, „Што правиш со твојот живот?“, „Да ставиме крај на времето“, „Бележникот на Кришнамурти“. Освен тоа, објавени се и многу негови беседи. Дал околу илјада интервјуа во кои ја открива суштината на својот пристап кон животот. Во 1984 година, на 90 години, зборувал пред Обединетите нации за мирот и свесноста. Награден е со Медалот за мир на ООН.

Последната беседа ја одржал во Мадрас, Индија, во јануари 1986 година, еден месец пред да почине во својот дом во Оџаи, Калифорнија. Преведуван и објавуван е на речиси сите светски јазици. „Слобода од познатото“ е совршен вовед во делата на Кришнамурти, извор на мудрост и инспирација за милиони читатели.

2 books by this author: