Ју Несбе
Ју Несбе (1960) е современ норвешки писател, музичар, економист. Се смета за водечки автор на криминалистички романи и трилери во Европа. Дипломирал економија, работел како берзански брокер и новинар, пее во рок-бендот Ди дере. Најпознат е по серијата трилери за детективот Хари Хуле, преведени на четириесетина јазици и продадени во над 23 милиони примероци. Автор е и на збирката раскази Музиката од каруселот (Karusellmusikk, 2001) и на музички албум со ист наслов. Најпознати му се романите Човекот лилјак (1997, награда Стаклен клуч за најдобар скандинавски детективски роман), Ѓаволовата ѕвезда (награда на Финската академија), Одмазда (2002), Соломоновиот знак (2003), Снешко (Роман на годината за 2008), како и серијата романи за деца и млади Доктор Проктор (награда на Асоцијацијата на норвешките критичари за најдобар роман за деца и млади за 2010 г.). За Црвеношијка ја доби Наградата за бестселер на Здружението на книжари на Норвешка за 2000 година. Други познати романи му се Оклопно срце (2009), Сеништето (2011), Жед (2017), Син (2014), Полноќно сонце (2017), Макбет (2018) итн. Критичарите од целиот свет му оддаваат признание за збогатување на криминалистичкиот роман и Несбе денес важи за водечки европски писател во тој жанр. Живее и работи во Осло.