john-ronald-reuel-tolkien

Џон Роналд Руел Толкин

Џон Роналд Руел Толкин (3.1.1892 во Блумфонтејн, Јужна Африка – 2.9.1973, Борнмут, Англија) е англиски писател, поет, критичар, филолог и универзитетски професор, несомнено еден од најпознатите автори на дваесеттиот век. Најпознати дела му се Господарот на прстените, Хобитот и Силмарилион. Се смета за татко на модерната фантастична литература. И покрај тоа што многумина пред него се занимавале со овој книжевен жанр, успехот на Толкиновите дела довел до голема популаризација на фантастиката во книжевноста, а тој стекнал меѓународна слава.

Со своите дела значајно влијаел врз т.н. жанр висока фантастика во книжевноста, филмот и ликовната уметност. Исто така, бил и водечки писател во академската книжевна критика. Од неговите филолошки студии се истакнува Беовулф: чудовишта и критики (Beowulf: the Monsters and the Critics, 1936) и преводот на делото Сер Гавејн и Зелениот витез (Sir Gawain and the Green Night, 1925) од средновековен англиски јазик. Напишал и голем број раскази, есеи и поезија, меѓу кои Господин Блис (Mr. Bliss), Роверандом (Roverandom), Ниглов лист (Leaf by Niggle), Авантурите на Том Бомбадил (The Adventures of Tom Bombadil), За бајките (On Fairy-Stories), Ковачот од Голем Вотон (Smith of Wootton Major).

Толкин немало да стане толку влијателен без неговата академска заднина. Од 1925 до 1959 година бил професор по англосаксонски јазик на Универзитетот Оксфорд. Исто така, специјализирал староанглиски и старонордиски јазик и книжевност. Работел на Оксфорскиот речник на англискиот јазик од 1919 до 1920 година. Додека бил професор на Оксфорд, Толкин помогнал во фор- мирањето на Инклинзите (The Inklings), неформална книжевна група која се состанувала во периодот од 1931 до 1949 година, составена од околу дваесетина члена, меѓу кои најпознати биле самиот Толкин и неговиот колега, писателот К. С. Луис.

Паралелно со професионалната јазична кариера, Толкин бил фасциниран од создавањето вештачки јазици и писма. Сметал дека јазиците се неразделен дел од митологијата. Создал петнаесет конструирани оригинални јазици за своите приказни за измислениот свет Средна Земја, вклучувајќи и многу песни на тие јазици. Најразвиени вештачки јазици што ги создал се квенја и синдарин. Овие јазици се во основата на неговaта збирка легенди. Според него, јазикот и граматиката се прашање на естетика и еуфонија, па така јазикот квенја првично бил создаден имајќи ги предвид фоноестетските елементи. Фонолошки бил заснован врз латинскиот, со голем број елементи од фински, велшки, англиски и грчки јазик. Толкин живеел за време на Двете светски војни. Во 1914 година станал поручник, а во 1916 г. учествувал со својата единица во Битката кај Сома во Франција. За време на Втората светска војна бил назначен за криптоаналитичар, односно „откривач на кодови“. Во 1939 г. почнал да работи во Криптографското одделение при Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство. Се оженил со Едит Мери Брет. Имале четири деца: Џон Франсис Руел Толкин, Мајкл Хилари Руел Толкин, Присилија Мери Ен Руел Толкин и Кристофер Џон Руел Толкин, кој ја приредил и објавил Силмарилион.

Славата на неговите дела постојано растела, а особено откако се пензионирал во 1959 година. Станал толку популарен што морал да побара бришење на својот телефонски број од јавните именици.

Во 1972 година бил одликуван од кралицата Елизабета II со орден на Редот на Британската Империја и се стекнал со инсигнијата на Редот на Бакингемската палата. Истата година бил прогласен за почесен доктор на науки на Универзитетот во Оксфорд.

1 book by this author: