Калистрат Санџакоски
Калистрат Санџакоски е роден во 1990 година, во Струга, во семејство на истакнати црковни интелектуалци и духовници. Поради тоа, духовната и интелектуалната клима карактеристична за семејството Санџакоски ќе одигра клучна улога во процесот на градење на неговата личност. Доволно е да се спомене само името на неговиот прадедо Калистрат, Високопреподобен Архимандрит и Игумен на Зографската монашка киновија на Света Гора Атонска. Еден од повеќетоплодови на неговата грижа за семејството е библиотеката извонредно богата со патристичка литература. Со неа отецот Калистрат ја засилил отсекогаш постојната љубов кон теологијата, философијата, книжевноста, природните науки и уметноста. Затоа првото дете на отец Стефан и Билјана, на денот на своето духовно раѓање за нов живот и нов начин на постоење ќе го прими името на својот славен прадедо. Малечкот Калистрат ќе живее и ќе расте во пазувите на своето семејство така што силно ќе го чувствува култот негуван спрема Црквата и Универзитетот, кон верата и знаењето, кон теологијата и философијата, кон Ерусалим и Атина... Неговото духовно и интелектуално растење ќе се случува во знакот на синтезата на умниот и духовниот принцип, во знакот на синергијата помеѓу умот и срцето. На тој начин Калистрат ја разгатнува загатката за молитвата разбрана како творење и за творењето разбрано како молитва. Неговата литургиско-поетска визија за животот и светот го прави сингенијален со црковните уметности. За тоа особена заслуга има иконописната уметност на неговата мајка и нејзиното многубројно исчитување на хагиографските текстови уште во деновите кога Калистрат проодуваше. Можеби тоа стана пресудна причина поради која тој, уште во гимназиските клупи, се определи за општествено- хуманитарните науки. Во 2009 година Калистрат заврши гимназијаво родниот град. Во 2012 година дипломира на престижната Духовна академија во Санкт Петербург. Во 2013 година запишапоследипломски студиина УКИМ, на Катедрата по чиста философија. Тој е автор на голем број текстови и научни трудови што се веќе изложени на научни собири и објавени во престижни домашни и странски списанија. Ќе набележиме само неколку наслови на теолошко-философски трактати: „Персонализмот во европската философија“, „Идејата – облекување на битието во смисла“, „Релативизмот – деонтолошко однесување кон смислата“, „Над себичното и утилитарното поимање на творештвото“, „Идеите на фрустрираниот ум – компромитирање на творештвото“ и др. „Облекување на битието во смисла“ е негова прва книга.