Катица Ќулавкова
Катица Ќулавкова (поет, есеист, раскажувач, теоретичар) е редовен член на Македонската академија на науките и уметностите и универзитетски професор по теорија и методологија на книжевноста, книжевна херменевтика и креативно пишување. Член е на Европската академија на науките и уметностите (Салцбург) и потпретседател на Меѓународниот ПЕН (Лондон). Има објавено дваесетина авторски теориско-есеистички книги, уште толку збирки поезија, две книги раскази/куси фикции, една поетска драма, повеќе избори од нејзината поезија на македонски и на други јазици. Има приредено и повеќе хрестоматии, антологии и други изданија (Поимник на книжевната теорија). Нејзини книги се преведени на англиски, француски, руски, италијански, португалски, романски, бугарски, албански, хрватски, српски, црногорски и други јазици. Добитник е на најзначајните награди за книжевност и животно дело во Република Македонија. Живее во Скопје, со сопругот Емил Филипов и синот Васил.