khalil-gibran

Халил Џибран

Халил Џибран (6 јануари 1883 – 10 април 1931) либанско-американски писател, филозоф и уметник, член на Друштвото на арапската писателска дијаспора во Њујорк, Ал Рабита ал Каламија. Роден е во градот Бишари на планината Либан, муташарифат во тогашната Отоманска Империја (на северот од денешен Либан), во семејство на маронитски христијани. Во детството емигрирал со семејството во Бостон, САД, каде пројавил уметнички амбиции. На петнаесетгодишна возраст се вратил во родниот Либан да учи во маронитско школо во Бејрут, а подоцна заминал на двегодишни студии по уметност во Париз. По враќањето во Бостон се претставил со изложба во студиото на бостонскиот уметник и фотограф Фред Холанд Деј, преку кого се запознал со својата долгогодишна пријателка, покровителка и уредничка Мери Елизабет Хаскел, која одиграла клучна улога во неговата писателска кариера. Умрел на четириесет и осумгодишна возраст, во Њујорк, поради зависност од алкохол и нарушено здравје. Лирската проза на Џибран е проткаена со силни влијанија на источниот и западниот мистицизам, а особено суфизмот. Кршнувајќи од класичната арапска школа, неговото перо е срцето на ренесансата на модерната арапска книжевност. Во западниот свет најпрепознатлив е по своето дело Пророкот од 1923 г., низа филозофски есеи на лиричен англиски јазик, што претставува ран пример за инспиративна проза. И покрај студената критика, книгата одлично се продава, а популарноста ѝ се зголемува во 30-тите, и уште повеќе со контракултурата во 60-тите. Пишувал на арапски и на англиски јазик. Од делата му се издвојуваат Скршени крилја, Скитникот, Лудакот, Предок. Во арапскиот свет Џибран се смета за книжевен и политички бунтовник, а во родниот Либан се слави како книжевен херој. Тој е третиот најпродаван поет на сите времиња, веднаш по Шекспир и Лао Це.

1 book by this author: