Ласло Краснахоркаи
Ласло Краснахоркаи е роден во 1954 година, во Ѓула, Унгарија. Откако ги завршил студиите по право во Сегедин и книжевност во Будимпешта, од 1982 година започнува професионално да се занимава со пишување. Неколку од неговите дела, меѓу кои и неговиот прв култен роман „Сатанско танго“ (1985), послужиле како основа за филмовите на режисерот Бела Тар. Благодарение на специфичниот книжевен стил, Ласло Краснахоркаи стекнал статус на култен писател, особено во германското јазично подрачје. Во 1987 година за првпат ја преминал границата на комунистичка Унгарија, па како стипендист на Германската служба за академска размена една година поминал во Западен Берлин. Од падот на советскиот режим постојано патува. Неговите дела добиле позитивни критики од САД до Јапонија. За романот „Меланхолија на отпорот“ во 1993 година ја добил германската награда SWR-Bestenliste за најдобар роман. Ласло Краснахоркаи е добитник на многу книжевни награди, меѓу кои и најголемото унгарско државно признание за книжевно творештво „Наградата Кошут“. Во 2014 година ја добил престижната „Награда Америка“ за книжевност. Напишал осум романи, неколку збирки раскази и есеи, но и пет филмски сценарија.