lizija-bozunga

Лижија Божунга

Лижија Божунга (1932, Пелотас, Рио Гранде до Сул) е бразилска писателка за деца и млади. Таа е прва авторка од Јужна Америка која ја добила престижната награда „Ханс Кристијан Андерсен“ за литература за деца. Била дел од Театарската дружина на обединетите уметници во Рио де Жанеиро; работела за радио и за телевизија и како преведувач. Живее во историскиот кварт Санта Тереза во Рио де Жанеиро и повремено престојува во Англија, од каде што е нејзиниот сопруг, со кого ја основала руралната школа „Тока“ за деца со посебни потреби. Нејзината прва книга, Другари, излегува во 1972 година. Оваа бајка, во која Лижија ја раскажува авантурата на пет животни, ќе добие многу национални и меѓународни награди. Нејзиното книжевно творештво се состои од 22 наслови, кои се преведени на 20 јазици. Во Бразил таа е дваесетпати наградувана од страна на Националната фондација за детска книга. Нејзиното творештво се одликува со фантазија и со еден поинаков реализам, каде што со лиризам, нежност, хумор и мудрост покренува и поставува суштински општествени прашања. Во 2002 г. ја издаде Портретите на Каролина, прва книга објавена во нејзиното книгоиздателство „Каза Лижија Божунга“, основано истата година. Во 2004 година ја доби наградата „Астрид Линдгрен“, врачена од шведската влада. Оваа награда ќе ја поттикне во 2006 г. да ја основа својата фондација „Лижија Божунга“, чија мисија е популаризација на книгата која, како што ќе каже и самата, й е неразделна животна другарка од нејзината седма година.

1 книга од овој автор: