marie-kondo

Мари Кондо

Мари Кондо (1984), попозната по својот прекар Конмари (од почетните букви на нејзиното име и презиме), е јапонска авторка, експертка и советничка за расчистување која секојдневно им помага на луѓето низ светот да ги претворат своите домови и канцеларии во спокоен и инспиративен простор.

Интересот за расчистувањето кај Мари Кондо се појавил уште од најраното детство. Започнала да чита списанија за домаќинки на 5 години, што ја поттикнало на 15 години да започне сериозно истражување за расчистувањето и ослободувањето од натрупаноста, што резултирало со создавање на методот конмари.

Пет години поминала како помошничка во шинтоистички храм. Студирала социологија на Токискиот женски христијански универзитет. Нејзиниот магистерски труд носел наслов „Расчистувањето од перспектива на полот“.

Својот бизнис го започнала уште како студент на Универзитетот во Токио, на 19 години. Најголемо влијание врз оформувањето на нејзиниот метод извршила книгата „Уметноста на фрлањето“ од Нагиса Татсуми и една случка од нејзиниот живот, кога преморена од фрлањето и разочарана од постојаното враќање во првобитната несреденост, ја сфатила грешката што ја прави. Наместо да бара нешта што треба да ги фрли, сфатила дека треба да се посвети на предметите што треба да ги задржи, па оние што ја усреќуваат да ги одвои од останатите. Овие појдовни точки прераснале во основен концепт според кој го одредува расчистувањето. Својот метод понатаму го заокружува со голем број темелни истражувања и со долгогодишното искуство со најразлични клиенти, од обични домаќинки до директори на компании.

Телевизиско шоу на Нетфликс со наслов „Расчистување со Мари Кондо“ било прогласено за најдобро во областа на нефикцијата во 2019 година и било номинирано за 7 награди. Во 2015 година била прогласена за една од стоте највлијателни луѓе на списанието „Тајм“.

Досега има напишано девет книги, а се прославува уште со своето првенче „Магијата на расчистувањето“, која денес е преведена на 44 јазици и е продадена во над 13 милиони примероци во светот.

1 book by this author: