Марио Варгас Љоса
Марио Варгас Љоса (28 март 1936, Арекипа, Перу) е перуански романсиер, драматург, новинар, политичар и есеист. Во 2010 година ја доби Нобеловата награда за литература поради, како што е истакнато од страна на Шведската академија, прецизното литературно исцртување на структурите на моќта, како и совршената претстава на отпорот, револтот, но и поразот на поединецот. Роден е во семејство од средната класа, во кое се негува почитта кон културните вредности. По разводот на родителите останува да живее со мајка си. Дел од детството поминува во Боливија, каде што неговиот дедо е назначен за почесен перуански конзул. На 14-годишна возраст се запишува во средното воено училиште во Лима. За време на средношколските денови започнува да работи како новинар и од тој период датираат неговите први литературни текстови. Се откажува од воената кариера и се запишува на Националниот универзитет во Лима, каде што студира право и книжевност. Подоцна своите студии ги продолжува во Шпанија и Франција, каде што и докторира. Книжевната кариера ја почнува во 1952 година, со пиесата Бегство на Инката; во 1957 година ги објавува книгите раскази Шефови и Дедото, но вниманието на книжевната јавност го привлекува со своите два први романа Градот и кучињата (1963) и Зелената куќа (1965). Третиот роман, Разговор во катедралата (1969), во голема мера ја потврдува констатацијата за книжевната величина на Љоса. Во неговиот богат опус се наоѓаат петнаесетина романи, меѓу кои позначајни се: Кученца, Панталеон и посетителките, Тетка Хулија и скрибоманот, Војна за крај на светот, Кој го уби Паломино Молеро?, Во слава на маќеата, Празникот на јарецот, Рајот зад другиот агол и други. Забележителни се и неговите книги есеи: Габриел Маркес: историјата на едно богоубиство, Вечната оргија: Флобер и „Мадам Бовари“, Вистината за лагите: есеи за современиот роман, Писма до новиот романсиер, како и мемоарите Риба во водата. Спомени (1993) и книгата со репортажи Ирачки дневник (2003).