Мајкл Ондачи
Мајкл Ондачи (Michael Ondaatje, 12 септември 1943) – канадски поет, романсиер, уредник, критичар и сценарист, еден од најпознатите живи канадски автори, заедно со Маргарет Атвуд. Вистински литературен феномен во чие творештво истанчениот јазик се меша со џез-ритми и филмски монтажни техники. Роден е во Коломбо, Шри Ланка, од татко Холанѓанец и мајка Цејлонка, дел од елитата на тогашното колонијално општество. Поради алкохолизмот на татко му, семејството се распаѓа и во 1954 г. Мајкл со мајка си заминува за Англија. Во 1962 г. се преселува во Канада, каде што и го оформува своето високо образование. Работи како професор по англиска литература на Универзитетот на Западно Онтарио, а во периодот 1971–1988 предава на колеџ во Торонто. Со сопругата Линда Сполдинг го редактираат литературното списание „Брик“ („Brick“), специјализирано за документарна проза со исповеден карактер. Литературната кариера ја почнува во 1967 г. со стихозбирката Истанчени чудовишта (The Dainty Monsters). Иако станува популарен со романите, Ондачи ѝ е многу посветен на поезијата и досега има издадено 15-тина стихозбирки. Таа е многу важна за целото негово творештво. Експериментира со поетските форми во прозата уште во својот прв роман Собрани дела на Били Кид (The Collected Works of Billy the Kid, 1970), во кој се мешаат неколку жанрови – поезија, проза, фотографија и интервјуа. Следуваат романите Низ колежот (Coming Through Slaughter), 1976; Во лавовска кожа (In the Skin of a Lion), 1987; Сеништето на Анил (Anil’s Ghost), 2000; Дивисадеро (Divisadero), 2007; Мачјата маса (The Cat’s Table), 2011 година... Добива низа литературни награди: Ралф Густафсон (1965), Ептшајн (1966), Претседателски медал од Универзитетот во Онтарио (1967) и др. Ондачи е важна движечка сила во поттикнувањето на новата канадска книжевност со својата дваесетгодишна работа во издавачката куќа Коуч хаус (1970–1990), како и со уредувањето на повеќе канадски книжевни проекти, вклучувајќи ја и Антологијата на долги песни (1979). За романот Англискиот пациент ја добива наградата Букер во 1992 година, а во 2018 година и Златен Букер за најдобар роман меѓу добитниците на оваа награда во последните 50 години. Во 1996 година романот доживеа филмска адаптација и освои девет Оскари, а беше номиниран во вкупно 12 категории.