michel-houellebecq

Мишел Уелбек

Славен, оспоруван, фален и наградуван, Мишел Уелбек е француски писател роден во 1958 г., на островот Реунион како Мишел Томас. Син е на ски-инструктор и лекарка, кои за својот син, според зборовите на Уелбек, многу брзо загубиле секаков интерес. До својата шеста година живеел во Алжир кај родителите на мајка му, а потоа во Франција, кај татковите, кои го израснале. Подоцна го зема моминското презиме на својата баба од таткова страна и влегува во француската книжевност како Мишел Уелбек. Во 1980 година Мишел дипломира агрономија во Париз, а во книжевниот свет се појавува за првпат во 1985 г., објавувајќи песни во списанието Ла нувел реви. Истата година кога ја објавува првата збирка поезија (1991), објавува и биографија на авторот на хорор-приказни Х. Ф. Лавкрафт, со кој бил опседнат во младоста. Три години подоцна го објавува својот роман првенец Проширување на полето за борба, со кој го привлекува вниманието на публиката и критичарите. Следуваат романите Елементарни честички (1998), Ланзароте (2000), Платформа (2001) и Можноста на еден остров (2005), со кои добива статус на еден од најпопуларните и најконтроверзни француски писатели на денешницата. За романот Елементарни честички ги добива наградата Prix Novembre и епитетот „нихилистички класик“. По него следуваат романите Мапата и просторот (2010), кој му ја носи најпрестижната француска книжевна награда Гонкур, и Покорување (2015), со кој ја потврдува својата репутација како најконтроверзен светски автор. Романите на Уелбек критиката често ги карактеризира како вулгарни, памфлетски, порнографски, а поради ставовите што ги изнесува во нив и во интервјуата, обвинуван е како расист, женомразец и исламофоб. Поради антиисламистички ставови и обвинувања за поттикнување на расна и верска омраза, во 2005 г. против него е покрената судска постапка. Повикувајќи се на прокламираната слобода на говор, судот го ослободува од обвинувањата, но по овој процес Уелбек ја напушта Франција и заминува најпрвин во Ирска, а потоа во Шпанија. Во 2018 г. ја доби наградата „Освалд Шпенглер“ за своето творештво, а посебно за Покорување, а на 1 јануари 2019 година го доби највисокото француско признание „Легија на честа“.

8 books by this author: