mikhail-bulgakov

Михаил Булгаков

За рускиот писател Михаил Афанасевич Булгаков не се зборуваше многу, сè до појавата на неговиот роман „Мајсторот и Маргарита“, во 1967 година. Роден во 1891, умрен во 1940 година, Булгаков во Русија беше познат пред сè како автор на неколку драмски текстови. Требаше да поминат дваесет и седум години од неговата смрт па - со издавањето на романот „Мајсторот и Маргарита“, најден во неговата оставина - да се дознае каков голем писател изгубила руската литература. Булгаков почнува со раскази: првиот расказ тој ќе го објави во 1919. Тогаш тој е веќе млад лекар - по завршувањето на Медицински факултет во Киев тој, 1916 година, ќе замине во провинција каде што во мали, зафрлени места ќе ја врши лекарската практика. Преживелиците од тој период на неговиот живот ќе бидат тема на циклусот раскази „Записи на младиот лекар“, објавувани во текот на 1925 и 1926 година. Булгаков ќе биде лекар само три години: во себе тој ќе го чувствува сè посилно повикот за предавање на писателската професија. По неколку години минати во мали места, тој доаѓа во 1921 година во Москва. Негова прва книга раскази е „Ѓаволијада“ (1925) која содржи три раскази, од кои едниот носи наслов „Доживувањата на Чичиков“. Оваа позната личност од Гоголевите „Мртви души“ кај Булгаков одново се појавува, но овојпат во една нова средина и во друго време: во Москва, во периодот на НЕП, каде што игра главна улога во низа стопански малверзации. Од тоа време се и неговите повести „Кучешко срце“ и „Фатални јајца“, каде што негативни футуролошки предвидувања се искажани низ гротескно-фантастични настани. 

1 книга од овој автор: