Милан Кундера
Милан Кундера е роден на 1 април 1929 година во Брно, (некогашна) Чехословачка. Живее во егзил во Франција од 1975 година, каде што станува натурализиран државјанин во 1981 година. На почетокот пишува на чешки јазик. Од 1993 година па натаму тој ги пишува своите романи на француски јазик. Помеѓу 1985 и 1987 година, Кундера извршува ревизија на француските преводи на неговите поранешни дела и, како резултат на ова, сите негови книги се објавени на француски јазик според оригиналниот извор. Како резултат на цензурата на комунистичката влада во Чехословачка, неговите книги се забранети во неговата родна земја, а тоа трае сè до падот на оваа влада за време на Кадифената револуција од 1989 година. Неговите книги се преведени на многу светски јазици – меѓу кои и на македонски.
Во 1985 година Кундера ја добива наградата „Ерусалим“. Добитник е и на Австриската државна награда за европска литература во 1987 година. Во 2000 година му е доделена меѓународната награда „Хердер“, а во 2007 година државната чешка награда за литература. Се шпекулира и дека последниве години често е во потесниот избор за Нобеловата награда за литература.