Миријам Дубини
Миријам Дубини е родена во 1977 година, во Милано, каде што дипломирала семиотика со дипломска работа на тема раскажување бајки. Додека студирала, пишувала и глумела во театарската трупа „Дита џоко фјаба“, давајќи го својот придонес во создавањето театар целосно посветен на децата, таканаречениот „Театро нел Тротер“, во паркот Тротер во Милано, каде што Дубини работела како актерка, драматург, сценографка, касиерка, хостеса и хигиеничарка. Следните години соработувала со „Дизни“, „Мател“ и „Едициони БД“, како и со списанието „Арт атак“, за кое осмислувала игри од рециклирани материјали, а потоа решила да стане дел од еден циркус. Пишувала циркуски претстави за Амбра Орфеи и за нејзината неверојатна дружина од бугарски одачи по јажиња, кинески гимнастичари, швајцарски магионичари и кротители на папагали. Потоа се преселила во Лондон. Додека живеела во Лондон, ја напишала својата прва фантастична сага посветена на една од најзбрканите вештерки во историјата: Лејла Блу, од која ја зајмила летачката метла и одлетала за Рим. Вечниот град ѝ послужил како инспирација за да напише филм за деца, неколку книги за најмладите, како и трилогијата за млади Воздух, посветена на нејзината најголема страст: велосипедот.
Меѓу другите дела, ги напишала и романите Стравотните преживелици на учителката-врколак, Не сакам да читам, Не допирајте ја земјата и Не сакам да пишувам. Миријам Дубини почина ненадејно во август 2018 година, подлегнувајќи им на повредите од сообраќајната несреќа што ја доживеа еден месец претходно.